Еквадорскиот Формула 2 тркач, Хуан Мануел Кореа е поставен во медицински индуцирана кома по судирот на Белгиското ГП минатиот викенд во инцидент во кој загина францускиот возач Антоан Убер, потврдија неговите родители во саботата.
20-годишниот Кореа доби повреди на ’рбетот и ги скрши двете нозе во страшниот судир на саботната Ф2 трка на патеката Спа Франкоршамп, по што во вторникот беше пренесен со хеликоптер во клиника во Лондон, каде што се наоѓа во „критична, но стабилна состојба“.
Кореа, кој е возач од академијата на Алфа Ромео и внук на поранешниот еквадорски претседател, Родриго Борха, бил на четиричасовна операција во Лиеж веднаш по инцидентот, откриваат неговите родители.
„Се појавија и нови компликации по повредите и по пристигнувањето во Лондон тој беше поставен во медицински индуцирана кома“, се вели во соопштението на неговите родители Хуан Карлос и Марија Кореа.
22-годишниот Французин Убер загина откако неговиот болид беше удрен од Кореа по извртувањето на брзката Радилон кривина. Тој беше првиот загинат возач во еден Ф1 викенд по Аиртон Сена и Роланд Раценбергер во Имола во 1994 година.