Вечерва ќе биде комплетирана листата на учесници во нокаут фазата во Лигата на шампионите. На програмата се натпреварите од шестото коло во групите Е, Ф, Г и Х. Три тима Манчестер Сити, Бешикташ и Тотенхем веќе го обезбедија првото место во своите групи, а најнеизвесно ќе биде во Групата-Е каде три тима се борат за првите две места.
Ливерпул, Севилја и Спартак Москва се борат за позициите кои носат пласман во нокаут фазата во Лигата на шампионите, во Групата-Е. Во пресрет на последното коло во најтешка положба е Спартак кого само победа во Ливерпул го носи меѓу најдобрите 16 клубови во Европа.
Севилја ќе гостува во Марибор и сама решава за својата судбина. Со победа клубот во Андалузија е сигурен осминафиналист, прашањето ќе биде само која позиција ќе ја освои во групата.
Манчестер Сити по првите четири кола ја обезбеди челната поција во Групата-Ф, а за второто место се борат Шахтјор и Наполи. Сити, во последната рунда, ќе го пречекаат Шахтјор, на кого и еден бод ќе му биде доволен за второто место.
Наполи гостува во Ротердам кај Феенорд, ќе брка победа кај најслабиот тим во групата и ќе очекува пораз на Шахтјор во Манчестер. Во случај на ист број на бодови Наполи, поради подобриот меѓусебен скор ќе биде пред украинскиот тим.
Во Групата-Г јасно е дека Бешикташ е прв, а минатосезонскиот полуфиналист Монако го игра последниот меч во европските купови оваа сезона. Порто и Лајпциг се борат за втората позиција на табелата. Двата тима имаат по седум бода, а меѓусебниот скор е на страната на Португалците.
Лајпциг може да стигне до нокаут фазата доколку освои бод повеќе од Порто. Во последното коло Лајпциг ќе го пречека Бешикташ, а Порто ќе го пречека Монако.
Работите околу пласманот во нокаут фазата во Лигата на шампионите се јасни во Групата-Г. Тотенхем е прв, а Реал втор, а борбата ќе се води за третото место и пласман во Лига Европа.
Борусија Дортмунд и АПОЕЛ имаат по два бода, меѓусебните дуели завршија со идентичен резултат 1:1, а гол разликата е на страната на Борусија. Доколку АПОЕЛ сака во Лига Европа ќе мора да освои бод повеќе од Борусија.
Во последната рунда Борусија гостува во Мадрид кај Реал, а Тотенхем ќе го пречека АПОЕЛ.