Шпанецот Рафаел Надал изјавил дека Роџер Федерер е најдобриот во историјата на тенисот поради бројот на освоени гренд слем титули истакнувајќи дека технички Новак Ѓоковиќ е на повисоко ниво.
Надал, кој оваа година ја заврши на првото место на АТП-листата, не именувал ниту еден од ривалите кога одговарал на прашањето против кого му е најтешко кога игра.
„Федерер со сите свои достигнувања е најдобриот во историјата на нашиот спорт. Дали е најдобриот против кого сум играл? Можеби. Сепак, одлични мечеви сум играл и против Ѓоковиќ. Не би било фер кога не би рекол дека Федерер е најдобриот против кого сум играл бидејќи тоа го докажуваат неговите титули. Сепак, на техничко ниво, кога Ѓоковиќ беше во својата најдобра форма, морам да кажам дека имав чувство дека е непобедлив“, рекол Надал.
Ѓоковиќ има позитивен биланс во дуелите со Швајцарецот и Шпанецот. Против Федерер има скор 23:22, а против Надал 26:24.
Роџер Федерер е рекордер според освоени гренд слем титули, во кариерата на четирите најголеми турнири победил 19 пати.