Работнички стигна до осмата победа во осум меча од Првата кошаркарска лига, откако во вечното дерби успеа да го совлада шампионот, МЗТ Скопје Аеродром со 66:71 (17:15, 21:20, 20:19, 13:22) во „Јане Сандански“, и да ја продолжи лошата низа на „металците“.
МЗТ во мечот пристигна со шест порази во низа во регионалната АБА-лига, и очекуваше со победа над стариот познаник да ја врати самодовербата во тимот, и беше многу веројатно дека ќе го направат тоа, откако водеа во првите три четвртини од мечот. Сепак, „центарци“ во финишот на натпреварот успеаја да се вратат и да стигнат до импресивна победа на „непријателски терен“.
Вечното дерби ги оправда очекувањата, бидејќи донесе борбен и неизвесен натпревар, а за конечниот исход решавачки беа првите пет минути од последната чевртина и периодот кога Работнички со серија од 11 поени го презеде водството кое не го испушти до самиот крај.
Во овој дел од натпреварот Работнички мудор ги градеше своите напади, додека МЗТ имаше лоша селекција на шутот.
Статистиката исто така е на страната на Работнички. Гостите доминираа во скокот (48/33) и во обидите за три поени, Работнички погоди 9 тројки од 18 обиди, а МЗТ само 8 од 32 обиди.
Гинјард го предводеше Работнички со 20 поени и 7 скока, а Бугаринот Косотв забележа „дабл-дабл“ од 13 поени и 12 скока.
Дамјан Стојановски за МЗТ постигна 19, а Симоновски 18 поени.
Покрај натпреварувачкиот карактер, 136. дерби меѓу двата вечни ривали, имаше и хуманитарен карактер за собирање на пари за помош на поранешниот капитен и на Работнички и на МЗТ, Стеван Гешовски.
Популарниот Гешо има освоено сребрен медал на Медитеранските игри во Сплит во 1979 година, а до истиот медал стигна и на Универзијадата во Мексико истата година. Има играно и во полуфиналето од Купот на куп победниците како и во две куп-финалиња во поранешна СФРЈ.
Гешовски пред две години доживеа мозочен удар, а како последица на тоа се отежнат говор, парализирана десна страна и болки во екстремитетите. Од лекари од Москва добил гаранција дека со третман со матични клетки, кој трае 12 дена, дури 80-отсто од функциите ќе успее да си ги врати. Лекувањето чини 17.000 евра.
Фото: МКФ