Генералниот менаџер на Милвоки Бакс, Џон Хорст, изјавил дека франшизата од Висконсин ќе стори се за да го задржи што е можно подолго во тимот Јанис Адетокунбо.
Грчкиот репрезентативец, минатата сезона, го предводеше Милвоки до првото место во НБА-лигата (60 победи, 21 пораз) и до финалето во Источната конференција, поради што беше прогласен за МВП.
Неговиот договор со Милвоки истекува наредното лето, а челниците веќе прават планови како да го задржат.
„За сега не смееме да преговараме со Јанис, бидејќи за една година ќе му биде овозможено да добие супер-макс договор. Тогаш ние ќе му понудиме таков договор“, рекол Хорст.
Според информациите од САД, Милвоки Бакс на Адетокунбо ќе му понудат петгодишен договор „тежок“ 247 милиони долари.
„Внимателно ќе ги влечеме потезите за да му обезбедиме на Јанис адекватна можност да се бори за она што тој го сака. Тој го сака Милвоки, Висконсин и мислам дека уште долго време ќе биде сo нас“, рекол Хорст.
„Грик Фрик“ целата досегашна кариера ја минува во Милвоки. Бакс го избраа Јанис како 15 пик на драфтот во 2013 година.