Нејмар бил „под стрес“ по контроверзите околу тоа кој ќе ги изведува пеналите за Пари Сен-Жермен во директен конфликт со Единсон Кавани, вели поранешното крило на ПСЖ, Нене.
Нејмар и Кавани влегоа во дискусија при досудениот пенал во текот на 2:0 победата над Лион во септември, по што инцидентот прерасна во вистинска тема во француските медиуми, а „сенката“ уште стои над „Паркот на принцовите“. Неодамна, беше објавено дека Нејмар ќе ги шутира пеналите, но тој му дозволи на Кавани да шутира во 15. коло против Троа и Уругваецот го утна ударот.
Нене, кој играше во ПСЖ од 2010 до 2013, а сега настапува во бразилскиот Васко да Гама, вели дека било очигледно дека несогласувањето лошо влијаело на Нејмар и му ги „отворило очите“ за кариерата во Франција.
„Нејмар никогаш не ми кажал дека е разочаран од третманот кој го добива во Франција, апсолутно никогаш. Да, верувам дека сметал дека некои работи ќе бидат полесни, но тоа е фудбалот, тешко се предвидува. На почетокот е најважно трпението, а имаше моменти кои не одеа во негова корист. Секако, тој е малку под стрес поради тоа што се случи со Кавани“, вели Нене.
Сепак, Нене вели дека неговиот сонародник ќе „блесне“ во ПСЖ, откривајќи дека и тој му советувал да замине од Барселона бидејќи победата во Лигата на шампиони со францускиот тим ќе вреди „100 пати повеќе“ од таа со Блауграна.
„Јас му го кажав моето мислење, му го опишав градот, клубот и инфраструктурата. Му кажав дека нема зошто да жали за Барселона. Со Барса победи секаде каде што можеше. Му кажав: ‘Замисли го Париз како нов предизвик, со иста инфрастуктура како Барселона, со прекрасен состав, со прекрасен град каде што ќе бидеш прва ѕвезда’“, додава Нене.
Нејмар му дозволи да шутира, но Кавани не реализира пенал (Видео)