Бугарскиот боксер Борис Станчов (21) починал во текот на борбата со Ардит Мури во Скадар, Албанија. Младиот боксер починал од срцев удар. Случајот е бизарен бидејќи никој не знаел дека починатиот боксер е Станчов.
Починатиот боксер цела една година се борел со лиценцата на својот братучед Исус Величков.
Измамата на виделина излегла откако неколку часа по трагичниот меч Величков се јавил дека е жив и здрав.
Медиумите пишуваат дека Станчов покрај лиценцата на својот братучед ги користел и неговите лекови и некои сомнителни додатоци во исхраната.
„Се бореше со мојата лиценца од 2018 година. Ми кажа дека тоа не е проблем бидејќи тренерот му го дозволил тоа“, рекол Величков.
Бизарна била причината поради која Станчов се борел под туѓ идентитет. Тој не сакал да има пораз зад своето име.
Од друга страна порталите од Албанија тврдат дека Станчов бил под суспензија и поради тоа боксувал со лажен идентитет. Според нив тој добивал пари за да паѓа во рингот. Наводно го плаќале од 200 до 400 евра по борба.
Несреќниот Станчов со замената на идентитетот предизвикал толкава мешаница што дури од ВБЦ-федерацијата испратиле сочувство до семејството на Величков.