Иднината во скијачките скокови на 58. победник на „4 Скокалници“, Австриецот Андреас Кофлер е неизвесна, откако тој во интервју за австриските медиуми призна дека се мачи со авто-имуна болест.
„Сега се фокусирам на решавање на здравствените проблеми поради кои едноставно немам енергија. Целата сила ја искористив да бидам подготвен за олимписката сезона, но едноставно станував само послаб и послаб. Се работи само за физички проблем, бидејќи ментално сум подготвен и мотивиран. Морав да ги намалам тренинзите“, вели олимпискиот вице-шампион од Торино 2006 во интервју за „Тиролер тагесцајтунг“.
Кофлер последен пат настапи во септември на Летниот континентален куп во Трондхајм, но вели дека симптомите ги почувствувал уште минатата сезона.
„15 години сметав на моето тело, но сега добив предупредување. Сепак, планирам да се вратам и да се натпреварувам барем до Светското првенство во Зефелд во 2019. Тоа би било совршен крај на кариерата“, вели 33-годишниот Кофлер.