Top Sport

„Титула во Македонија и Фајнал Фоур во АБА2-лигата“

МЗТ Скопје Аеродром утре на домашен терен ќе го одиграат првиот натпревар во сезоната 2019/2020. Македонските шампиони во рамките на првото коло во АБА2-лигата, ќе играат против Слобода Тузла. Амбициите, според составот што го има МЗТ се реални, пласман меѓу најдобрите четири во АБА2-лигата и одбрана титулата во Македонија.

„Со оглед на кошаркарите со кои располага нашиот стручен штаб, слободно може да кажам дека сме најсилни ако се гледа нашето првенство, што воедно значи напад на двата трофеја. Во АБА2-лига ќе биде потешко, бидејќи има добри екипи кои сериозно се засилија летово, како Сплит, Динамик, Слобода Тузла и Рогашка. Но, ние не биле тоа што сме, ако не одиме по највисоки цели, а тоа е да влеземе меѓу четири најдобри, па таму со поголема среќа да стигнеме до финалето и до АБА. Имаме тим кој е спој на млади играчи како Маслинко, Магдевски и Николов и на поискусни Симоновски, Дамјан Стојановски и Крстевски. Екипата има хемија и се надевам дека со добра работа ќе стигнеме до посакуваните резултати“, вели директорот на клубот Тони Грнчаров.

Тренерот на МЗТ Скопје, Ѓорѓи Кочов, кој е фокусиран кон утрешниот дуел со Слобода Тузла, смета дека остварените победи во подготовките (седум од осум) не значат ништо ако тоа не се потврди онаму каде што е најважно.

„Задоволен сум од подготовките, од ден во ден напредувавме како тим. Сепак, победите во пријателските мечеви не значат ништо посебно, бидејќи официјалните дуели се секогаш нешто друго. Слобода Тузла е екипа составена од млади и талентирани кошаркари. Без разлика што ривалот вели дека ние сме фаворити, тоа ќе биде тежок натпревар“, изјави Кочов.

Натпреварот МЗТ-Слобода ќе се одигра во СЦ „Јане Сандански“, утре ќе започне во 19 часот.

извор/mztskopjeaerodrom.mk

Scroll to Top