Top Sport

Турнирот во Шангај заврши и за Федерер, „џелатот“ е Зверев!

Германскиот тенисер, Александер Зверев направи ново изненадување на Мастерс турнирот во Шангај откако предмалку го елиминираше Роџер Федерер во четвртфиналето на турнирот. Зверев дуелот со Швајцарецот го доби со 2-1 во сетови (6-3 6-7 и 6-3) по што во ист ден испаднаа од трунирот и двајцата носители (Ѓоковиќ е елиминиран од Циципас).

Зверев уште еднаш покажа дека формата му е во нагорна линија иако во вториот сет се коцкаше против легендарниот швајцарски тенисер испуштајќи дури 5 меч топки.

Зверев имаше одличен сервис на мечот, а Федерер не успеваше да пронајде ритам на почетокот на мечот.

Во шестиот гем од првиот сет Зверев направи брејк кој потоа немаше проблеми да го преточи во водство од 1-0.

На почетокот на вториот сет Швајцарецот тргна поагресивно, прв направи брејк за 2-0, но водството не траеше долго.

При 5-5 во гемови, Зверев имаше серија добри пасинг-шотови со што доби шанса да сервира за меч. Имаше три врзани меч топки (40:0), но Роџер се врати и се избори за тај-брејк. Таму спаси уште две меч топки, по што изедначи на 1-1.

Кога се очекуваше комплетен пресврт, Зверев повторно го подигна нивото на игра и успеа да го освои сетот за победа и пласман во полуфиналето. Во борбата за финале, Германецот ќе се бори со подобриот од дуелот Доминик Тим – Матео Беретини.

Мастерсот во Шангај се игра за награден фонд од 7,4 милиони долари.

Scroll to Top