Мино Рајола, контроверзниот фудбалски менаџер кој меѓу другите ги застапува и интересите на голманот на Милан, Џанлуиџи Донарума, ќе бара поништување на договорот кој беше потпишан во јуни годинава, пренесуваат италијанските медиуми.
Младиот голман по завршувањето на минатата сезона изјави дека не сака да го продолжи договорот со Милан и дека ќе остане во клубот до јули 2018 година. Сепак, по бројните притисоци и макотрпните преговори, тој го продолжи договорот до 2021 година.
Но, како што тврдат италијанските медиуми, Донарума наскоро би можел да стане слободен играч откако неговиот менаџер, Мино Рајола, решил да го тужи клубот.
Контроверзниот менаџер се решил на ваков чекор бидејќи, како што рекол, не бил присутен кога бил потпишан договорот, во кој треба да има откупна клаузула од 40 милиони евра доколку Милан не избори пласман во Лигата на шампионите, односно клаузула за откуп од 70 милиони евра доколку „росонерите“ се пласираат во шампионската Лига.
Наводно, на потпишувањето на договорот присуствувал неговиот адвокат Риго, кој заминал пред договорот да биде потпишан. Основниот проблем е тој што Милан на италијанската Лига не ѝ ги пријавил клаузулите кои се вметнати во договорот.
Рајола планирал да го искористи и аргументот дека голманот бил уценуван и дека под притисок се согласил да ја продолжи соработката.
Целата приказна станува поинтересна кога предвид ќе се земат и состаноците кои во тој период Рајола ги имал со претставниците на ПСЖ, а за кои сега пишуваат француските медиуми.
Џанлуиџи Донарума, според новиот договор, има годишна плата од шест милиони евра.