Пријателството на Владе Дивац и Дражан Петровиќ згасна за миг по завршувањето на финалниот натпревар на Светското првенство во Аргентина. Југославија во финалето го победи Советскиот Сојуз со 92:75, а анонимен човек на теренот внесе хрватско знаме, Дивац му го зеде, а тој гест означи крај на пријателството помеѓу него и Дражен Петровиќ.
Човекот на кого Дивац му го одзеде знамето се вика Томас Шакиќ, живее во Санта Тересита во Аргентина и денес има 68 години. Тој 27 години подоцна си го „враќа филмот“ на она што се случи во салата „Луна Парк“ на 20 август 1990 година, по завршувањето на финалниот меч.
Инцидентот почна лавина реакции и коментари, а беше и директен повод за снимање на документарниот филм „Некогаш браќа“.
„Јас не сум Хрват, јас сум Аргентинец, син сум на Хрват. Роден сум во Росарио и на Светското првенство наредната година ќе навивам за Аргентина. Но да, јас сум човекот кој влезе во ‘Луна Парк’ со хрватско знаме. Хрватското знаме е фамилијарно наследство, иако, морам да бидам искрен, Дивац ми го зеде знамето, но потоа ми го врати. Тој ниту го плукна, ниту, пак, го оштети знамето“, вели Томас Шакиќ, кој пред 27 години ги скара двете кошаркарски легенди.
Одземањето на знамето во интервјуто за „Пагина 12“ тој го нарекува „чин на непочитување и погрешен став“.
„Влегов на теренот кога заврши натпреварот. Бев подготвен и знаев дека телевизискиот пренос сè уште не е завршен. Го покажав знамето со хрватската шаховница, а не со југословенската петокрака и тогаш некои луѓе од југословенската амбасада ми пријдоа. Рацете ги држеа во џебовите. Мислев дека имаат нешто во нив. Бев сам со своето дете кое играше кошарка за Хуракан де Сан Хусто. Ми беше тешко, нема да заборавам како се доближивме грб со грб кога ни пријдоа тие луѓе“, рекол Шакиќ.
„На крајот не навивав за Југославија против Советскиот Сојуз, но не навивав ниту да биде поразена. Навивав за Хрватите во тимот, Тони Кукоч, Петровиќ, Зоран Чутура. Мислев дека и Дивац е Хрват. Дури кога ми го зеде знамето ми стана јасно дека е Србин. Тој никогаш политички се немаше изјаснето, поради тоа не знаев“, се сеќава тогаш 41-годишниот Шакиќ.
„Дивац го зеде знамето и јас избегав. Тешко се движев бидејќи имав фотографска торба. Фотографиите не го покажуваат тоа, но за момент јас и тој бевме лице в лице, се грабавме за знамето. Јас имав 180, а тој 216 сантиметри. Играчите беа предупредени да не реагираат, знаеја дека такви работи можат да се случат. Потоа и јас се повлеков, не сакав да ѝ наштетам на Аргентина“, дополнил Шакиќ.
Поради овој инцидент Дражен Петровиќ застана на една, а Владе Дивац на друга страна. Приказната го иницираше снимањето на документарниот филм „Еднаш браќа“.
„Петровиќ застана на една страна, не сакаше да се меша сè додека не виде што се случи, но подоцна ми кажаа. Документарниот филм говори и за братот на Петровиќ, Ацо, кој тогаш му одговори на Дивац. Дивац рекол дека хрватското знаме не требало да биде таму бидејќи тоа била победа на Југославија и на ниту една друга земја. Братот на Дражен Петровиќ, Ацо, рекол дека не можел да го покаже хрватското знаме кога веќе Хрватска била дел од Југославија“, дополнил Шакиќ.
Една година по тоа финале Југославија се распадна и продолжи да постои како СР Југославија, во чиј состав беа Србија и Црна Гора, без Словенија, Хрватска, БиХ и Македонија.
Дражен Петровиќ загина во сообраќајна несреќа три години по инцидентот во „Луна Парк“, додека Дивац продолжи да игра за СР Југославија, и успеа да освои европско и светско злато, да направи блескава кариера во НБА-лигата. Сега е генерален менаџер на Сакраменто Кингс.
А човекот кој ја раскажа приказната, Томас Шакиќ, не е единствениот Шакиќ во Санта Тересита. Во ова место живеел и Динко Шакиќ, управител на Јасановац, злогласниот логор во Втората светска војна. За врските со него Томас не сакал да говори.