Британскиот велосипедист Крис Фрум имал позитивен допинг-тест за време на одржувањето на Трката околу Шпанија (Вуелта), на која ја освои титулата. Возачот на Скај имал двојно повеќе салбутамол од дозволената граница.
Светската велосипедска организација (УЦИ) поради овој случај побарала дополнителни информации од Фрум и тимот Скај.
„Овој процес во нормални услови би бил строго доверлив. Но, со оглед на големиот интерес на медиумите, веруваме дека е важно сите факти да бидат познати. Крис уште од детството има астма, користи инхалатор за да ја добива терапијата, конкретно се работи за лекот салбутамол. Според правилата, таа супстанца е дозволена до границата од 1.600 микрограми во период од 24 часа и не повеќе од 800 на 12 часа“, се наведува во соопштението на тимот Скај.
Британецот вели дека ја зголемил дозата, но во дозволените граници и дека УЦИ има апсолутно право да поставува прашања. Тој исто така истакнал дека го послушал советот на клупскиот доктор да ја зголеми дозата поради симптомите на астма кои му создавале проблеми во текот на Вуелта.
Инаку, Фрум е првиот Британец кој ја освоил Вуелта откако претходно победи и на најпрестижната велосипедска трка Тур Д’Франс.
На тестот на урина кој бил направен на 7 септември лекот салбутамол бил на ниво од 2.000 нанограми по милилитар.
Според правилата на Светската анти-допинг агенција (ВАДА), дозволено е половина од тоа. Другите тестови на урина кај Фрум не покажале такви резултати.
Италијанскиот велосипедист Алесандро Петачи во 2007 година доби едногодишна суспензија поради користење салбутамол за време на Трката околу Италија.