Тимот на Атлетико Мадрид триумфираше на „Ванда Метрополитано“ на дуелот од 10. коло во Ла лига против Атлетик Билбао. Резултатот по 90-минутната престава гласеше 2-0 за „јорганџиите“.
Тренерот на мадридскиот клуб, Диего Симеоне одлично ја имаше поставено тактиката, Атлетико беше цврст во одбрана, а на голот го имаше одличниот Словенец, Јан Облак.
Стрелец на погодокот кој донесе водство на домашниот тим беше Саул Нигез во 28 минута на асистенција на Кореа.
Асистентот беше дел и од вториот погодок за Атлетико. Аргентинецот центрираше прецизно до Алваро Мората кој немаше проблеми да реализира со што ги постави конечните 2-0.
„Јорганџиите“ со денешните 3 бода, по некомплетното 10. коло се пробија на втората позиција на табелата во Ла лига со 19 бода, исто колку има и лидерот Барселона, а еден повеќе од третопласираниот Реал Мадрид.