Рускиот тенисер Данил Медведев неочекувано беше поразен веќе на стартот на Мастерс турнирот во Париз. Подобар од него беше домашниот тенисер, Жереми Шарди.
Русинот кој оваа сезона освои 4 титули и играше сјајно од завршувањето на Вимблдон до крајот на месецов, вели дека е лут на себе поради поразот.
„Во почетокот бев лут на себе, едно 10-15 минути, но тогаш разбрав дека животот е таков, некогаш ќе победиш, некогаш ќе изгубиш. Тоа е спорт. Штета што пропуштив толку многу прилики за брејк (реализираше само една од 15 можности). Можеме да разговараме и за мојот форхенд, и за бекхендот. Имав шанси, но…“ – рече Медведев.
Рускиот тенисер по турнирот во Шангај, ги прескокна турнирите во Москва и во Виена, па се отвора прашањето дали отсуството му го поремети ритамот.
„Дали тоа ми го поремети ритамот? Можеби да, но не можам да играм 35 турнири годишно. Мора да ги правите вистинските работи за да го зачувате своето тело. Мислам дека направивме добар избор“ – заклучува моментно 4-тиот светски тениски рекет.