Четирикратниот светски шампион во трки на хронометар, Германецот Тони Мартин вели дека е вистински скандал што Интернационалната велосипедска унија (УЦИ) не го суспендирала Крис Фрум по позитивниот тест на Вуелта Еспања.
Четирикратниот шампион од Тур де Франс, Фрум имал позитивен тест на салбутамол, средство за астма на Вуелта Еспања, но тој тврди дека тоа не значи дека се допингува, а УЦИ му дозволи да настапи на Светското првенство во септември, каде што освои две бронзени медали – во тимската и индивидуалната трка на хронометар.
„Нормално дека сум лут. Постојат двојни стандарди кога се работи за Тим Скај и за Крис Фрум. Доколку се работеше за било кој друг велосипедист, тој ќе добиеше веднаш казна. Тој и неговиот тим добиваат време да го објаснат тоа за УЦИ и навистина не знам за сличен пример во спортот. Ова е апсолутен скандал“, вели Мартин, кој беше деветти во трката на хронометар на СП во Берген, Норвешка.
Според 32-годишниот Германец ова е голем удар во борбата против допингот, за кој тврди дека го води заедно со сонародникот Марсел Кител.
„Потребен е транспарентен однос од УЦИ. Ова е целосно прекршување на сите работи за кои велиме дека се залагаме“, објаснува Мартин.