Шпанскиот прволигаш Лас Палмас доби забрана да го именува Хорхе Алмирон како свој нов тренер бидејќи тој нема доволно искуство според правилата на УЕФА, иако го предводеше аргентинскиот тим Ланус до финалето на Копа Либертадорес оваа година.
Последнопласираниот тим од Ла лига добил писмо од Шпанската федерација (РФЕФ) во кое се тврди дека УЕФА бара тренерите да имаат искуство во прволигашки фудбал од пет години ако немаат лиценца од федерацијата.
Аргентинецот Алмирон почна со тренерската кариера во 2008 година во мексиканската втора лига, а првата прволигашка работа ја доби во 2013 година со Тихуана. Тој потоа работеше во аргентинските прволигаши Годој Круз, Индепендиенте и Ланус, со кои ја освои титулата и ги однесе до финалето на Копа Либертадорес, каде што загубија со 3:1 од Гремио.
Тимот од Канарските Острови, Лас Палмас е последнопласиран во Ла лига со 10 поени од 15 натпревари и со само една победа во 11 меча и веќе сменија два тренери оваа сезона – прво Маноло Маркез даде отказ во септември, а потоа Пако Ајерстан беше отпуштен на 30 ноември откако освои еден поен во седум меча.