Кам-бекот на Карлос Тевез во Бока јуниорс би требало да биде комплетиран во следните неколку дена, вели потпретседателот на клубот, Хорасио Паолини.
Тевез замина од Бока во Шангај Шенхуа во богат трансфер минатата година за да стане најплатениот фудбалер на светот, но авантурата во Кина не помина најдобро. 33-годишниот ветеран постигна само 4 гола во 16 настапи во Кинеската супер лига, но челниците на кинескиот клуб најавија дека би можеле да му дадат уште едногодишен договор.
Паолини пак, смета дека враќањето во клубот во кој играше како тинејџер, пред да игра во Манчестер јунајтед, Манчестер сити и Јувентус, е готова работа.
„Тоа треба да биде решено следните неколку дена. Постојано сум во контакт со него, бидејќи живееме само шест блока еден од друг, така што пред некој ден бевме на скара. Мислам дека ќе имаме договор наскоро“, изјави Паолини.
Екснапаѓачот на Манчестер сити беше обвинуван дека има вишок на килограми и дека не е посветен на кинескиот тим, така што враќањето во клубот од детството би бил совршена приказна за крај на кариерата.