Возачот на Ферари Шарл Леклер ќе добие нов мотор за трката во Бразил. Бидејќи Ферари веќе ги искористиле „бесплатните“ замени оваа сезона, Леклер ќе биде вратен десет места наназад на стартот од местото што ќе го освои во квалификациите.
Леклер во Остин го искористи дозволениот број на корекции на моторот. Таа трка тој ја заврши на четвртото место.
„Новиот мотор значи казна за трката во Сао Паоло. Како и да е ние треба да се вратиме на нашто ниво, треба да го покажеме борбениот дух за да ја завршиме со стил сезоната. Тоа ќе биде важно, мораме да потврдиме дека напредуваме со нашиот болид. Треба да фатиме залет за она што ќе го работиме во зимската пауза. Поради тоа тимот и возачите се фокусирани на тоа“, рекол директорот на Ферари Матија Биното.
Претпоследната трка во шампионатот на Формула 1 на програмата е в недела од 18.10 часот на патеката „Интерлагос“ во Сао Паоло.