Четирикратниот светски шампион во трки на хронометар, Германецот Тони Мартин сега вели дека четирикратниот шампион од Тур де Франс, Крис Фрум не добива посебен третман по позитивниот тест на Вуелта Еспања.
Фрум имаше двојно повеќе дозволено ниво на салбутамол (средство за астма) во својата урина при тестот на Вуелта во септември, по што Мартин реагираше дека се работи за „скандал“ што Интернационационалната велосипедска унија (УЦИ) не го суспендирала веднаш, но сега вели дека по разгледувања на правилата, сфатил дека згрешил.
„Според правилата, во случај во кој се работи за специфични супстанци, секој спортист ќе има шанси да објасни дека бројките доаѓаат од природни причини. Како и секогаш, ќе имам јасна силна позиција во борбата против допингот и ќе барам 100 отсто чист спорт“, вели Мартин.
Фрум, кој победи на Тур де Франс и на Вуелта во 2017 година, вели дека нема ништо погрешно во неговиот тест, но дека ги „разбира грижите на луѓето“.