Фудбалерите на Црвена ѕвезда нижат убедливи порази во Лигата на шампионите. Во пет натпревари одбраната на српскиот шампион капитулирала 19 пати. Црвена ѕвезда го победи Олимпијакос со 3:1, а потоа во дуелите со Тотенхем и Баерн Минхен забележа гол-разлика 0:18.
Црвена ѕвезда ја има најлошата одбрана оваа сезона во Лигата на шампионите. Утеха за црвено-белите може да биде податокот дека во минатото имало и полоши тимови од нив.
Кога станува збор за натпреварите во фазата по групи пред Црвена ѕвезда се БАТЕ Борисов и Легија Варшава.
Трофејниот тим од Белорусија во сезоната 2014/2015 во групата со Порто, Шахтјор и Атлетик Билбао постигна два, а рпимил 24 гола. Од Шахтјор БАТЕ Борисов биле поразени со 7:0, а од Порто со 6:0. Успеале да го победат Атлетик Билбао 2:1.
Две сезони подоцна 24 гола примиле фудбалерите на Легија Варшава, но тие успеале да постигнат девет гола. Дури и го освоиле третото место пред Спортинг Лисабон. Легија таа сезона од Борусија загубиле 8:4 и 6:0, а од Реал 5:1.
Покрај овие два тима повеќе голови од Црвена ѕвезда во фазата по групи, по 22, примиле Динамо Загреб во сезоната 2011/2012 и Норшелан во сезоната 2012/2013, односно Малме (21 гол во сезоната 2015/2016).
И покрај големиот број на примени голови Црвена ѕвезда се уште е во игра за освојување на третото место во Б-групата. Доколку во последното коло црвено-белите не бидат поразени во Атина ќе ги продолжат натпреварите во Лига Европа.