Претседателот на Ферари, Серџо Маркионе најави дека тие се подготвени да го сменат Кими Раиконен за сезоната 2019, ако тој не успее да го оствари својот потенцијал следната сезона.
Раиконен, кој е најстариот возач во Формула 1 со 38 години, се врати во Маранело во 2014 година, откако во 2007 беше последниот возач на Ферари со светска титула, но во четирите сезони не успеа да победи на ниту една трка, прво покрај Фернандо Алонсо, а потоа и покрај Себастијан Фетел.
Фетел има осум победи последните три години и беше подобар од Раиконен во сите сезони. Тој доби нов едногодишен договор за 2018, но Маркионе вели дека мора да ја врати формата ако сака да остане во Ф1.
„Моето лично мислење е дека ако го најдеме вистинскиот клуч, Раиконен ќе вози како Бог! Но, мора да се најде тоа. Кога работите одат добро, вистинско задоволство е да се гледа како вози. Но, во други моменти тој како да е на пауза. Ќе мора да најде поголема постојаност во перформансите. Ова најверојатно е последната сезона за тоа. Би било штета да замине од Ф1 без да го покаже својот вистински потенцијал“, вели Маркионе.
Тој исто така изјави дека и Фетел мора да ги надмине слабостите од оваа година, но сепак, додаде дека контроверзното Азербејџанско ГП, во кое Германецот се удри во Луис Хамилтон бидејќи беше лут дека сметаше дека тој го тестира зад безбедносното возило не е слабост.
„Не знам дали тоа е слабост или само неговиот карактер. Не гледам слабост во лутината. Фетел е како човек од југот на Италија. Тоа го покажа неколку пати оваа година, но мислам дека научи. Во 2016 не му дадовме добар болид, но во 2017 имавме одличен болид. Одговорноста е сега кај него“, додава Маркионе.