Бугарскиот фудбалер и ѕвезда на реалните ТВ шоуа, Даниел Златков открива дека ја прекратува фудбалската кариера за да се посвети на ММА борбите.
Поранешниот дефанзивец на Пирин Благоевград, Славија Софија, Ботев Пловдив и Шахтјор Солигорск, кој е наречен „бугарскиот Роналдо“ поради неверојатната физичка сличност со португалската суперѕвезда, е сигурен дека ќе има одлична кариера во мешаните борбени вештини.
„Треба да ја ставам фудбалската кариера на страна. Веќе не можам да играм активно професионален фудбал и потребно ми е нешто ново. Имав неколку понуди од фудбалски клубови, но сега би сакал да направам добра ММА кариера. Јас не се откажувам така лесно од моите цели“, вели Златков.
Него го очекува прв меч во ММА октагонот на 13 јануари во „Армеец“ во Софија, иако не открива кој ќе му биде противникот.
„Тренирам, јадам и спијам – тоа е моето секојдневие. Имам малку време за подготовки“, додава Златков.