Новата ѕвезда на Ливерпул, Мохамед Салах му се заблагодари на Лучано Спалети за помошта која ја доби додека играше за Рома, но призна дека клубот од италијанската престолнина е нешто посебно, и сосема различно од било кој клуб.
Египетскиот интернационалец оваа сезона е вистинско откритие во Ливерпул со дури 20 голови пред Нова година, но се „калеше“ во Серија А, прво како позајмен играч во Фиорентина од Челси во 2015, а потоа во Рома до трансферот ова лето.
„Имав одлични четири месеци во Фиорентина, период кој беше добар за тимот, но и за мене. Пред да отидам таму, во умот имав јасна мисла – заслужувам да играм. Верував во моите квалитети и знаев дека одам таму да покажам што умеам. Имав и одлични две години во Рома и бев среќен во Рим. Тоа не е лесен клуб да се игра, бидејќи има многу притисок, и сосема е различно од било кој друг на светот. Сепак, со фановите имав одлични односи и тие секогаш ми покажуваа љубов и почит“, објаснува Салах во интервју на официјалната веб-страница на Ливерпул.
Тој посебно го пофали Спалети, сегашниот тренер на Интер за помошта во кариерата.
„Лучано Спалети ми помогна многу. Тој е многу умен човек. Секогаш на тренинг му велев сакам да бидам подобар во ова или во ова, и тој никогаш не велеше не. Никогаш. Ми помогна и да станам подобра личност и да го подобрам карактерот. Ми покажа како да играм во одбрана, како да се носам под притосок. Секогаш ќе му бидам благодарен“, вели Салах.