Иднината на еден од најголемите турнири на АТП и ВТА турнејата, Мајами опен, е осигурана, откако се објави дека Мајами опен од 2019 година ќе се игра на „Хард Рок“ стадионот, каде што своите натпревари ги игра НФЛ тимот на Мајами Долфинс.
Мастерс турнирот во Мајами од 1987 година се игра на „Крендон Парк“ во Ки Бискејн, но сопственикот на турнирот „ИМГ“ објави дека во 2018 ќе биде последен на таа локација.
Иако претходно беше сметан за еден од најпрестижните пролетни турнири, последните години тие не успеаја да ги привлечат најголемите ѕвезди, посебно во споредба со турнирот во Индијан Велс, кој се игра една недела пред Мајами и каде што имаше големи инвестиции под сопственикот, милијардерот Лери Елисон.
По оваа вест, се јави и Серена Вилијамс, која повеќе години живее во Мајами и има осум титули на „Крендон Парк“.
„Мајами опен е дел од културата на Мајами и е навистина посебен турнир за мене и за моето семејство. Уживав во одлични моменти во кариерата таму и пресреќна сум што остануваме во Мајами“, вели Вилијамс.