Претседателот на Хрватскиот фудбалски сојуз (ХНС), Давор Шукер и следните четири години ќе ја извршува функцијата, откако на собранието доби 48 гласа, а само неговиот поранешен колега од репрезентацијата, Дарио Шимиќ гласаше против него.
Претставниците на Хајдук и на сплитско-далматинскиот фудбалски сојуз ја напуштија седницата пред гласањето. Шукер стана претседател на ХНС во јули 2012, наследувајќи го Влатко Марковиќ, кој 13 години беше на чело на федерацијата.
„Се изборивме за Светско првенство, го направивме системот на натпреварувања подобар, односите со домашните институции се подобрени, а имаме и одлична соработка со УЕФА и ФИФА“, изјави Шукер.
Шимиќ, пак, вели дека не ја загубил „трката“ за претседателското место, бидејќи воопшто немало трка – Шимиќ не успеа да добие доволен број на потписи од локалните фудбалски сојузи.
„Како тоа сум загубил, кога немаше натпревар. ХНС мора да биде отворена организација. За претседател на ФИФА потребни се пет потписи од националните сојузи, а ФИФА има 211 членки. За ХНС се потребни 9 потписи од 21 жупании“, вели Шимиќ.