Top Sport

Како генералот Франко помогна Реал да ја победи Барса со 11:1

Пред денешното „Ел Класико“, навивачите на Реал Мадрид можат да се пофалат дека го добиле наједностраното дерби со Барселона, откако во 1943 година, ја совладаа Барселона со 11:1. Но…

Мечот од 13 јуни 1943 година во Копа дел генералисимо, е „чувствителна“ тема и во Мадрид, но посебно во Каталонија, каде што уште велат дека диктаторот Франциско Франко треба да ја понесе наградата за човек на мечот.

„Реал Мадрид никогаш не се фалат со тој меч. Зошто? Бидејќи, во основа тоа не беше фудбалски меч“, вели фудбалскиот историчар на Барселона, Жоан Барау за „Гол“.

Граѓанската војна во Шпанија беше завршена само четири години и уште беше „свежа“ во сеќавањата на сите. Барселона го доби првиот меч од полуфиналето на купот со 3:0 и отпатува на стариот стадион на Реал, „Естадио Чамартин“ со надежи дека ќе игра во финалето. Тогаш, дојде „пресвртот“.

„Тоа што Реал Мадрид направи пресврт не е изненадувачки, но резултатот е сосема таков – посрамотување, спектакл каков што се гледа во римската гладијаторск арена. Во тоа време постоеше закон за политичка одговорност, со кој секој кој не е лојален можеше да биде осуден“, вели Барау.

Според него, медиумите во Шпанија создале толкаво „непријателство“ пред реваншот во Мадрид, што гостите воопшто не сакале да учествуваат во мечот. Реал водеше со 8:0 на полувреме, а Барселона имаше играч помалку по исклучувањето на Бенито Гарсија.

Според вдовицата на голманот на Барса, Луис Миро, напаѓачите на Реал оделе во напад како да е израмнето и Миро им ја дал топката велејќи им дека ако сакаат гол, нека постигнат. Напаѓачите го одбиле ова, но тоа не спречило мечот да заврши со 11:1.

„Тој меч останува познат како меч на срамот. Резултат со кој Реал Мадрид не се фалеше бидејќи доаѓа во еден од најтемните периоди на шпанската историја“, додава Барау.

Неколку членови на тој тим на Барселона подоцна се жалеа дека добиле закани директно од позицијата и дека воопшто не сакале да излезат на теренот на полувреме. Легендата вели дека шпанскиот шеф на државната безбедност им се заканил со смрт доколку не излезат во второто полувреме, но Барау вели дека никој не може да ја докаже таа верзија на настаните.

„Сепак, очигледно е дека ако постигнеш 11 голови, како да немаш противник. Барселона во Мадрид беше победена од милитаристичкиот притисок на луѓето блиски до Фалангата, кои направија заканувачка атмосфера“, вели Барау.

За среќа, тие денови се зад нас, иако мечот на „Сантијаго Бернабеу“ овој викенд доаѓа повторно во период на политички тензии – еден ден по изборите во Каталонија, каде што повторно победија сепаратистичките партии.

Scroll to Top