Top Sport

Детството го минал по автобуси, сега е еден од најдобрите во Европа

Мохамед Салах во моментов е еден од најдобрите напаѓачи во светот и еден од оние кои ја обележаа 2017 година. Во летниот преоден рок од Рома за сума од 40 милиони евра се пресели во Ливерпул. Неговиот ефект на 27 натпревари за „црвените“ е застрашувачки, 21 гол и шест асистенции.

Салах неодамна на навивачите на Ливерпул им ја раскажа својата животна приказна. Како дете морал да се откаже од многу работи, патувал и по девет часа дневно со разни автобуси за да биде редовен на тренинзите.

„Почнав да тренирам во клуб кој беше половина час оддалечен од моето село во Басјун. Потоа потпишав за клуб од Танта. Патував по час и половина за да стигнам на тренинзите, а потоа се преселив во Каиро. Четири и пол часа возење во еден правец. Петпати неделно имавме тренинзи“, раскажува Салах.

„Морав порано да заминувам од часовите за да можам да стигнам на тренинг. На часовите бев од 7 до 9 часот. Клубот побара дозвола од училиштето да можам пред време да си одам за да можам да стигнам на тренинзите, кои почнуваа во 14 часот. Сам два часа во денот одев на училиште. Доколку не станев професионален фудбалер ќе ми беше многу тешко во животот“, рекол човекот кој пред еден месец го однесе Египет на Светското првенство во Русија.

„Пет дена неделно на тренинг, три-четири години живеев на тој начин. Од училиштето излегував во 9 часот за да стигнам на тренинг кој почнуваше во 14 часот и траеше до 18 часот, а потоа назад. Дома ќе стигнев во 22 часот. Јади, спиј и наредниот ден сè одново. И не беше само еден автобус, морав да сменам три-четири, некогаш и повеќе“.

Упорноста му се исплатеше, на 20-годишна возраст од Араб Контракторс Салах се сели во Европа, во Базел, а потоа во Челси, Фиорентина, Рома и Ливерпул.

„Бев млад, сакав да бидам фудбалер, големо име. Сакав да бидам посебен. Но не можaм да кажам дека знаeв што ќе се случи. Почнав од нула, немав ништо, бев 14-годишно момче кое имаше сон. Не знаев што ќе се случи, но силно посакував да станам професионален фудбалер“, рекол новиот идол на навивачите на еден од најпопуларните англиски клубови.

Scroll to Top