Нема крај на лошите вести за Барселона. Неубедливите партии во изминатиот месец ги заокружија со поразот од Атлетико Мадрид, во полу-финалето во Суперкупот, тренерот Ернесто Валверде се наоѓа пред отказ, а еден од најдобрите играчи Луис Суарез сериозно се повредил.
Фудбалерот кого Ла Лига го прогласи за најдобар во декември мора да го оперира коленото на десната нога, објави каталонскиот весник „Спорт“.
Неколку недели поради коленото Уругваецот имал интензивни третмани кај докторот Роман Кугат. Пред мечот со Атлетико примил инјекции за да може да игра. Терапијата со докторот Кугат не му помогнала поради што во клубот решиле тој да го оперира коленото.
Прогнозите се дека Суарез ќе отсуствува еден месец и ќе ги пропушти натпреварите против Гранада, Валенсија, Леванте и Бетис.
Луис Суарез сезонава има учинок од 14 гола и 11 асистенции.