Кризата на Милан заврши! Барем така ќе се тешат навивачите на „росонерите“, откако Милан стигна до само втората победа под водство на Џенаро Гатузо, по 120 минути игра против градскиот ривал Интер во четврт-финалето на Копа Италија.
Гатузо пред мечот изјавуваше дека дербито на „Сан Сиро“ е како финале на Мундијал за тимот на Милан „разнишан“ по двата незгодни порази во Серија А од Верона (0:3) и Аталанта (0:2).
Откако регуларниот меч заврши 0:0 по поништувањето на еден гол на Интер поради офсајд, 19-годишниот Патрик Кутроне во 104. минута го искористи одличното дофрлање на Сусо за да го постигне победничкиот гол.
Интересно, од четирите гола во дресот на „росонерите“ на Кутроне, три се победнички. На 24 август тој постигна гол во Скопје за 1:0 победа над Шкендија во баражот за пласман во Лигата на Европа, а на 28 септември го постигна голот во 90-тата минута со која Милан со 3:2 го совлада хрватскиот шампион Риека во групната фаза.