Антонио Конте повтори дека сака Еден Азар и Тибо Куртоа да останат во Челси, предупредувајќи ги шефовите на клубот дека не смеат да ги продаваат најдобрите играчи ако имаат амбиции да се борат за големите трофеи.
Таткото на Азар оваа недела во интервју за белгискиот весник „Ле соар“ потврди дека неговиот син го одложува преговорите за нов договор со Челси со надеж дека Реал Мадрид ќе биде заинтересиран, додека Куртоа минатиот месец најави дека ќе почека до крајот на сезоната, но и дека сака преселба во Шпанија за да биде со своите две деца.
Договорот на 26-годишниот Азар со Челси трае до јуни 2020, но ситуацијата со Куртоа е посериозна.
„Горд сум што го имам Еден во тимот, и би сакал да продолжам да работам со него. Тој е добро момче и може да биде уште подобар, еден од најдобрите на светот. Куртоа има договор и за следната година, и сакаме да остане. Мораме да имаме планови за иднината. Тоа се двајца многу важни играчи за мене и би сакал да останат, посебно бидејќи нашата амбиција е да се бориме за големите трофеи. Мораме да го подобруваме и да го засилуваме тимот, а не да ги продаваме нашите најдобри играчи“, вели Конте.
Тој дури побара од „Сините“ да се засилат во текот на јануарскиот преоден рок.
„Мислам дека е важно да ги најдеме вистинските играчи. Ако не успееме, ќе продолжиме со играчите кои ги имаме. За трансферите одлучува клубот“, додава Конте.