Пеп Гвардиола смета дека Англичаните треба да го укинат Лига купот. Оваа сезона еден меч ги дели Манчестер сити од пласман во финалето и веројатно од освојувањето на титулата. Сити го добија првиот полу-финален меч против Манчестер Јунајтед со 3:1, а во финалето противник ќе им биде победникот од двобојот помеѓу Лестер и Астон Вила.
„Треба да го укинете ова натпреварување“, побарал шпанскиот тренер жалејќи се на згуснатиот календар.
„Ќе има помалку натпревари, помалку натпреварувања, помалку клубови, помалку квантитет, а повеќе квалитет. Луѓето можат да живеат малку и без фудбал, ова е премногу“.
Гвардиола се пожалил на бројот на натпревари што го играат англиските тимови во зимскиот период.
„На почетокот на сезоната играте еден натпревар неделно, а потоа влегувате во ритам кога играте два или три натпревари неделно. Таквиот ритам трае предолго, толку долго што играчите не можат даго издржат. Најдобро би било повеќе да не се игра Лига купот“, рекол Гвардиола и за крај и дал предлог на ФИФА и УЕФА.
„Мислам дека единствена можност е да ја продолжиме годината на 400 денови. Тогаш би можеле да имаме уште едно натпреварување. Најдобро би било на оваа тема да разговараат ФИФА и УЕФА. Немаме доволно денови за ваков календар. Немаме доволно денови за толку многу натпреварувања“.
Лига купот во Англија се игра од 1960 година. Основан е како натпреварување за екипите кои претходно ќе испаднат од престижниот ФА куп.