Серена Вилијамс загуби од Летонката Елена Остапенко 2:6, 6:3, 5:10 на егзибицискиот турнир во Абу Даби.
Американката го одигра својот прв меч по паузата од речиси една година. Таа во јануари го освои Австралија опен, а потоа поради бременоста привремено ја прекина кариерата.
Серена, една од најдобрите во историјата на тенисот и Остапенко една од оние кои ја обележаа 2017 година, одиграа израмнет меч кој го доби Летонката во супер-тај брејкот.
По мечот Серена изјави дека малку „била загрижена“ за својата ќерка, која била на трибините и дека е задоволна што му се вратила на тенисот.
„Гледав во мојот бокс и се прашував дали Олимпија е добро. Убаво е што се вратив, прв пат играм во Абу Даби. Кога правите долга пауза, особено ако паузата е поради бременост, првите мечеви секогаш се најтешки“, рекла Серена.
Американката во јануари треба да ја брани титулата на првиот Гренд слем во сезоната, Австралија опен.