Менаџерот на Манчестер сити, Пеп Гвардиола смета дека неговиот стар ривал, првиот човек на Тотенхем, Жозе Мурињо заслужува повеќе почит од новинарите и критичарите пред нивниот нов дуел во недела.
Мурињо го замени Маурисио Почетино во Тотенхем во ноември, но имаше просечен старт на новата работа, со само една победа во последните пет дуели од Премиер лигата. Тој доби отказ од претходните две позиции во Челси и Манчестер јунајтед, а многумина го критикуваат неговиот стил на игра и неговите тактики, но Гвардиола вели дека не треба да се споредува тој со сегашната негова позиција и со таа на Јирген Клоп во Ливерпул.
„Вредноста на Жозе, менаџер со големо искуство и голем успех, не треба да се суди за една или една и пол сезона. Секогаш сум имал неверојатна почит за тоа што тој го направи во кариерата. Секој има добри и лоши сезони. Тој е тука 15 или 20 години и тоа мора да се почитува, бидејќи не е лесно да се биде успешен секогаш. Мајкл Џордан освои шест НБА титули, но губеше повеќе отколку што победуваше и тој остана најголемиот“, вели Гвардиола.