Младиот англиски голман Дин Хендерсон рекол дека нема да се враќа во Манчестер Јунајтед доколку клубот не му гарантира место во првиот тим.
Хендерсон е играч на Јунајтед кој веќе две години е на позајмица во Шефилд Јунајтед. Овој тим игра одлична сезона и во моментов се наоѓа на шестото место во Премиер лигата.
22 годишниот голман сезонава девет пати не примил гол со што е рекордер во лигата, заедно со Алисон од Ливерпул и Ник Поуп од Барнли.
Според локалните медиуми од Манчестер Хендерсон порачал дека ако нема место во тимот нема да се враќа на „Олд Трафорд“, а до стартниот состав тешко ќе дојде бидејќи Давид Де Хеа е стандарден во својата форма.
Дин Хендерсон минатото лето блескаше на голот на младата англиска репрезентација на Европското првенство, а поради лошата форма во која се наоѓа репрезентативецот Џордан Пикфорд, медиумите шпекулираат дека тој би можел да биде и број 1 во сениорскиот тим.