Последниот чекор напред на Ферари кон враќањето на светската титула во Формула 1 ќе биде најтешкиот, признава Себастијан Фетел.
Иако Скудерија имаше огромен прогрес во 2017 година и половина сезона беше еднаков тим со Мерцедес, на крајот остана без титула. Последен пат Ферари славеше титула кај конструкторите во 2008, а кај возачите во 2007 година со Кими Раиконен. Фетел вели дека ќе биде тешко да се „скрши“ доминацијата на Мерцедес по четири сезони.
„Очигледно, правилата остануваат во основа исти и имаме добра платформа да го градиме тимот од почетокот на сезоната. Сега ни е потребен последниот чекор. Ако погледнете наназад, последниот чекор секогаш бил најтежок. Имаме многу работа пред нас и мораме да имаме побрз, помоќен и постабилен болид. Во март ќе видиме дали успеавме“, вели Фетел.
Пред 2017 година, Ферари последен пат беше во борба за титулата во 2010 година, кога Фернано Алонсо загуби токму од Фетел во Ред бул.
„Сите сакаме да победуваме и кога си конкурентен на стартот не знаеш дали ќе се бориш за титулата. Сепак, мислам дека 2017 беше добра година за нас“, вели Фетел.