Иако Фернандо Алонсо подолго време најавува дека би сакал да се врати во Формула 1, поранешниот Ф1 возач, Дејвид Култард вели дека не гледа кој тим би сакал да го вработи двократниот светски шампион.
Шпанецот си замина од спортот на крајот на сезоната 2018 по четири разочарувачки сезони со Мекларен во кои не оствари ниту еден подиум, решавајќи да се фокусира на трките на изддржливост, победувајќи на 24 Часа Ле Ман, настапувајќи на Дакар релито и планирајќи напад на Инди 500.
Со нови правила за 2021 и можност за големи промени, Алонсо најави дека би сакал да се врати во Ф1, но Култард вели дека никој од големите тимови не го сака, откако Ред бул јасно посочија дека тој нема да биде со нив поради неговите контроверзни критики кон Хонда.
„Знам дека сака да се врати, но мислам дека нема некој избор. На Мерцедес ниту им е потребен, ниту го сакаат. Исто така и Ферари. Ред бул веќе кажаа јасно. Каде би се вратил? Назад во Мекларен, нема шанси. За мене тој е еден од најталентираните возачи во историјата, како Луис Хамилтон, Михаел Шумахер и Аиртон Сена. Но, секој има свој момент и мислам дека неговиот заврши“, објаснува Култард.