Top Sport

Елмас ја доби лиценцата на Ван Перси

Најталентираниот македонски фудбалер во овој момент, Елиф Елмас, доби лиценца за настап во фудбалскиот шампионат на Турција. Фенербахче му дозволи на искусниот Робин ван Перси шест месеци пред истекот на договорот да го напушти клубот, а лиценцата на Холанѓанецот ќе заврши кај 18-годишниот Елмас.

Елмас минатото лето од Работнички се пресели во Фенербахче, но бидејќи не беше полнолетен, клубот не можеше да го регистрира, па во изминатиот период настапуваше за младинскиот тим на турскиот великан.

Елмас официјалната промоција во Фенербахче ја имаше на 28 септември минатата година. Клубот тогаш македонскиот репрезентативец го престави како идна голема ѕвезда на Фенербахче.

Дека тренерот Ајкут Кочоман сериозно ќе му смета на Елмас во пролетниот дел од сезоната, говори и информацијата од турските медиуми дека пред два дена клубот одбил понуда од 10 милиони евра, која за услугите на Елмас ја понудил Олимпик Лион.

Фенербахче во вториот дел од сезоната ќе води жестока борба за шампионската титула со Басакшехир и големиот ривал Галатасарај. По 17 натпревари лидер на табелата е Басакшехир со 36 бода, Галатасарај е втор со 35, а Фенербахче е на третата позиција со 33 поени.

Scroll to Top