Актуелниот шампион Григор Димитров постави супер-интересно полуфинале на Бризбејн интернешнл турнирот со домашниот фаворит Ник Кирјос, откако со 6:3/6:7(3)/6:4 го победи Британецот Кајл Едмунд.
Светскиот број 3, Димитров го подобри скорот на турнирот во Квинсленд на 16-4 по победата од 2 часа и 25 минути, додека Кирјос се врати од сет-негатива за 1:6/6:3/6:4 победа над Украинецот Александер Долгополов.
Димитров и Кирјос последен пат се сретнаа во финалето во Синсинати, кога победи бугарскиот тенисер.
„Тој може да прави сè на теренот и морам да бидам подготвен цело време, толку е едноставно. Ник е еден од најталентираните тенисери на светот, без сомнеж“, вели Димитров.
Мечот против Едмунд имаше и еден одличен спортски момент, кога Едмунд го повреди скочниот зглоб, а Димитров скокна од другата страна на мрежата да му помогне на ривалот.
Lo sport è anche questo: ? Grigor Dimitrov!#EurosportTENNIS | https://t.co/yeuDfSfQxW pic.twitter.com/jGrh0TeL5a
— Eurosport IT (@Eurosport_IT) January 5, 2018
Во второто полуфинале ќе играат Американецот Рајан Херисон и уште еден Австралиец, Алекс де Минаур. Херисон водеше со 7:6(6)/4:2 кога Узбекистанецот Денис Истомин се повлече поради повреда, додека Де Минаур со 6:4/6:0 го збриша Американецот Мајкл Мох.
На женскиот турнир, Украинката Елина Свитолина го продолжи одличниот старт на сезоната со 7:5/7:5 победа над актуелната шампионка, Чехинката Каролина Плишкова и пласман во финалето. Свитолина губеше со 4:0 во првиот сет, пред да направи фантастичен пресврт и да стигне до победа по час и 39 минути игра.
За титулата, Свитолина ќе игра со младата Белорусинка Алиаксандра Саснович, која со 7:6(3)/6:4 ја победи седмата носителка, Анастасија Севастова. 88-рангираната Саснович ќе го игра своето прво финале.