Челси вечерва ќе го пречека Баерн Минхен во првиот осмина-финален натпревар во Лигата на шампионите. Тренерот на Челси Френк Лампард фаворитската улога му ја препушти на колегата Ханс-Дитер Флик кој рекол дека неговиот тим треба да одигра храбро на „Стенфорд Бриџ“.
„Го почитуваме Челси, но не се плашиме. Мораме да бидеме храбри, полни со самодоверба и да играме напаѓачки. Убеден сум дека ќе покажеме добар фудбал. Челси игра добро, иако Лампард направи нов тим. Четврти се во Премиер лигата, зад себе оставија тимови за кои се веруваше дека ќе бидат пред Челси. На колегата можам само да му честитам на она што досега го работи“, рекол Флик.
Баварците втор пат оваа сезона гостуваат во Лондон. Првото гостување им остана во убаво сеќавање. Во групата го декласираа Тотенхем со 7:2.
„Дефинитивно извлековме поуки од тој натпревар“, рекол тренерот на „сините“, Лампард.
„Не смееме да дозволиме да не понесе моментот. Ќе има моменти кога ќе патиме на теренот бидејќи Баерн е неверојатен тим“.
Лапард има одредени кадровски проблеми, а најголем хендикеп за Челси ќе биде неиграњето на Нголо Канте. Покрај францускиот репрезентативец дуелот ќе го пропуштат Кристијан Пулишиќ и Калум Хадсон-Одои.
Натпреварот на „Стенфорд Бриџ“ ќе започне во 21 часот.