Легендата на македонскиот ракомет Пепи Манасков, во разговор за специјализираниот ракометен портал „Balkan-handball.com“, оценувајќи ги шансите на Македонија на престојното Европско првенство, рекол дека голем успех ќе биде пласман во вториот круг.
Македонија во четвртокот и петокот ги одигра двете единствени контролни средби пред ЕП. Избраниците на Раул Гонзалес во Белград ги победија селекциите на Саудиска Арабија (37:21) и Србија (32:29).
Мансков во мини интервјуто ги оценил шансите на Македонија и останатите балкански селекции на ЕП.
„Во секој случај ќе биде тешко. Словенија е незгоден противник. Против нив досега не сме биле добри. Тоа ќе биде првиот натпревар, се ќе биде отворено. Еуфоријата е голема. Нормално е дека луѓето ја сакаат репрезентацијата, имаат желба тимот да оди што е можно подалеку. Сепак реалоста и желбите не се секогаш исти. Пласман во вториот круг ќе биде успех. Повеќе од тоа, е тоа ќе биде супер“, рекол Манасков.
Легендарниот ракометар смета дека младите Талески и Кузмановски треба да го покажат својот квалитет на ова ЕП.
„Бековската линија е подмладена. Талески и Кузмановски треба го покажат квалитетот. Се уште не се зрели, но напредуваа во своите клубови. Заедно со „стариот волк“ Миркуловски и Лазаров треба да ја држат бековската линија. Имаме дефиџит на позицијата на која игра Кире. Тој е во години и прашање е колку ќе може да го издржи напорното темпо. Македонија е лимитирана, немаме голем избор на бековските позиции. Имаме една постава, а немаме алтернативи. На крилните позиции не сме лоши, покриени сме. Сепак ако голманите не бидат на вистинското ниво ќе имаме големи проблеми“, дополнил Манасков.
Тренерот во младинските категории на Вардар смета дека Македонија против Црна Гора ќе треба да ја бара шансата за пласман во втората рунда, иако како што вели „Црногорците се потценети“. Тој не верува дека Словенија може да го повтрои успехот од Франција, кога го освои бронзениот медал, Хрватска ја смести во групата на главните фаворити за златниот медал, а за Србија смета дека има добра репрезентација.