Скудерија Ферари на претсезонските тестирања не успеа да ги убеди фановите дека имаат болид со кој ќе се обидат да ја прекинат доминацијата на Мерцедес. Иако тимовите знаат на тестирањата да ги кријат адутите, шефот на Ферари, Матија Биното, признава дека моторот ја нема потребната сила.
Стручњаците тврдат дека новиот болид на Ферари „СФ 1000“, е сигурен во свиоците, но дека нема сила на рамните делови.
„Моторот? Не е како минатогодишниот. Бевме фокусирани на некои други детали, се чини дека брзината ни е намалена. Аеродинамиката значително влијае врз брзината. Кога бараш поголема брзина тогаш мораш да внимаваш на аеродинамиката и силата на моторот. Ќе работиме на овие две работи“, рекол Биното.
Новиот шампионат во Формула 1 започнува за десет дена, на 15 март во Мелбурн со трката за Големата награда на Австралија.