Додека во Каталонија се „слави“ доаѓањето на Филип Кутињо како огромно засилување за и така моќниот тим на Барселона, во тимот на Реал Мадрид уште размислуваат за засилувања во јануарскиот преоден рок, со големо заостанување зад Барса во Ла лига.
Легендата на Реал, Луиш Фиго посочува дека Реал е „најголемиот клуб на светот“, откако во 2017 година освои неверојатни пет титули (Ла лига, Шпанскиот суперкуп, УЕФА суперкупот, Светското клупско првенство и Лигата на шампионите) и верува дека неговиот поранешен колега, Зинедин Зидан ќе донесе уште слава во 2018 со засилувања во јануари.
„Лани Реал Мадрид ја имаше најдобрата година во однос на титулите. Секако, во фудбалот не можете да победувате секогаш, но Реал Мадрид е најголемиот клуб на светот и секогаш може да биде посилен. Сигурен сум дека ќе направат нешто во преодниот рок за да станат посилни и да ја освојат титулата од Лигата на шампионите повторно“, вели 45-годишниот Фиго, кој ги предводеше „Лос бланкос“ до титулата од ЛШ во 2002 година.
Тренерот на Реал, Зидан пак, не сака да разговара за местото на табелата кое во моментов го има славниот тим, по 2:2 ремито со Селта Виго, признавајќи дека во соблекувалната има чувство на разочараност.
„Секогаш зборуваме во соблекувалната и сите сме лути на резултатите. Не можеме да бидеме среќни и нормално дека јас помалку чувствувам одговорност за ситуацијата“, вели Зидан.
Претседателот на клубот, Флорентино Перес имаше неочекувана посета на соблекувалната во текот на мечот во Виго, но Зидан вели дека тоа не значи ништо.
„Тој честопати доаѓа во соблекувалната да ја покаже неговата поддршка за тимот. Нема ништо друго. Мораме да се вратиме на победите, да освојуваме поени и да најдеме постојаност во нашата игра“, вели Зидан.