Тренерот на Голден стејт вориорс, Стив Кер го нарече Лавар Бол „Кардашијан во НБА“, бидејќи таткото на дебитантот на Лејкерси, Лонзо Бол има „нула кредибилитет“.
Ова доаѓа откако Бол за „ЕСПН“ изјави дека Лејкерси веќе не сакаат да играат за тренерот Лук Волтон, кој инаку е близок пријател на Кер и поранешен негов помошник со Вориорси. Тренерот на Далас маверикс, Рик Карлајл, кој е претседател на асоцијацијата на НБА тренери, вели дека написот на „ЕПСН“ е „за срамота“.
„Некаде, најверојатно во Литванија, Лавар Бол ни се смее на сите. Луѓето јадат од неговите раце без вистинска причина, освен што стана како Кардашијан во НБА или нешто слично. И тоа се продава, како во политиката и забавата, така и во спортот. Не е важно дали има основа во приказните, туку само нешто да направиме интересно за приказната“, изјави Кер.
НБА легендата вели дека постојано е во контакт со Волтон и додава дека тој не заслужува отказ.
„Жал ми е за Лук, бидејќи тој е мој човек, еден од најблиските пријатели. Не треба да се снаоѓа со сето ова. НБА за мене секогаш претставуваше место каде што можеш да избегаш од родителите. Момците кои се тренери во средните училиште се тие кои треба да ракуваат со родителите. Сигурно има и други кои сакаат да се мешаат, но немаат глас во НБА. Но, поради некоја причина на овој човек му даваме простор да кажува и Лук мора да се справува со тоа. Страшно“, додаде Кер.