Баер Леверкузен се свесни дека е сосема можно ова лето да останат без својата прва ѕвезда, Каи Хаверц, но тие нема да го продадат за помалку од 100 милиони евра, тврди тренерот Петер Бос.
20-годишниот фудбалер од средниот ред привлече огромно внимание кај европските гиганти, вклучувајќи ги Реал Мадрид, Ливерпул и Јувентус. Хаверц дојде од младинскиот состав на „фармацевтите“, дебитирајќи во октомври 2016 по што има дури 139 настапи за клубот.
„Каи има 20 години, но веќе ја игра четвртата сезона во Бундеслигата. Тоа го покажува неговиот квалитет. Сите во Германија со право го сметаат за ’вундеркинд’. Тој е од Ахен, тука е од својата осма година и многу е интелигентен. Го продадовме неговиот другар Јулијан Бранд на Борусија минатото лето и сега сите го сакаат него. Мислам дека нема да можеме да го заддржиме во текот на летото. Тоа ќе биде трансфер од 100 милиони евра. Што велам? Повеќе од 100 милиони“, вели Бос.