Ракометарките на Вардар, актуелни европски шампионки, походот кон петтиот последовен пласман на завршниот турнир во Лигата на шампионите, го започнаа со победа над унгарски ФТЦ 34:31 (20:11).
Избраничките на Ирина Дибирова, на стартот од сезоната одиграа добар меч, а впечатокот го расипаа во финишот кога ФТЦ наместо катастрофа успеа да избори пристоен пораз.
Првата половина од првиот дел речиси беше израмнета. Вардарки во овој период создадоа предност од два гола, но имаа проблеми со брзиот центар на ФТЦ.
Клучниот период на натпреварот беше оној од 17 до 25 минута кога Вардарки наметнаа пеколен ритам во одбраната, од која произлегуваа пеколни контри и за осум минути од направија серија 8:0, за предност 18:10.
Во овој период на двете страни од теренот издоминира Драгана Цвијиќ која покажа дека ќе биде големо засилување за ЖРК Вардар.
Слично сценарио имаше и второто полувреме, во првите десетеина минути ФТЦ од негативатвата на полувремето успеа да анулира три гола, но набргу „црвено-црните“ се вратија во посакуваниот ритам и на десет минути до крајот на мечот создадоа двоцифрена предност 31:21.
Потоа Дибирова реши да ротира во поставата, поради исклучувањата се реши да игра без голман, што ФТЦ знаеше да казни и до крајот наместо катастрофа избори пристоен пораз.
Квартетот ракометарки се издвои во редовите на Вардар: Цвијиќ и Лекиќ постигнаа по седум, а Лакрабер и Пенезиќ по шест гола. ФТЦ го предводеше Пења со шест погодоци.