Ракометната федерација на Македонија (РФМ) на чело со првиот човек Живко Мукаетов со рекордна премија ќе ги награди ракометарите доколку тие успеат да стигнат до полу-финалето на Европското првенство. Евентуалниот пласман меѓу најдобрите четири селекции на континетот РФМ ќе го награди со 100.000 евра.
Непосредно пред заминувањето за Хрватска, на завршниот состанок на управата и стручниот штаб на РФМ со репрезентативците Мукаетов ги најавил паричните премии, кои ќе зависат од остварениот резултат.
„Мукаетов најави премија од 30.000 евра за репрезентацијата доколку се оствари пласман во втората фаза од првенството и дополнителни 30.000 евра (или вкупно 60.000 евра) доколку А-тимот обезбеди пласман на некое од првите шест места на првенството.
Доколку репрезентативците пак успеат да стигнат до полу-финалето на ова првенство РФМ вети премија од дополнителни 40.000 евра или вкупно 100.000 евра.
По исполнување на некој од овие услови, споменатите предлози за парични премии ќе бидат предложени за верификација до Управниот одбор на РФМ“, стои во соопштението кое е објавени на интернет страницата на РФМ.
Сениорската машка репрезентација на Македонија првиот меч на ЕП ќе го одигра в сабота во 19:30 часот, против селекцијата на Словенија.