Поранешниот светски број 1, Новак Ѓоковиќ признава дека неговиот лакт уште не е 100 отсто подготвен пред кам-бекот по шест месеци во аут на Австралискиот опен.
Ѓоковиќ, кој шест пати победуваше на почетниот гренд слем од годината во Мелбурн нема конкурентен меч од Вимблдон во јули.
„Уште не сум 100 отсто заздравен, но сега сум на ниво со кое можам да се натпреварувам и секој ден станувам подобар. Не знам како ќе биде на Австралија опен, бидејќи немам шест месеци меч. Но, немаше што друго да направам. Направив сè што е во моја моќ да бидам во Мелбурн“, изјави Ѓоковиќ.
Србинот потврди дека за повредата не беше потребна операција, а исто така на егзибицискиот меч во Мелбурн покажа и поинаков сервис.
„Задоволен сум од сервисот, и не сакам да кажам дека се работи за нов сервис, туку за ново движење. Трошам помалку енергија, но сум поефикасен. Уште знам што сум способен да направам и дека можам да играм против најдобрите на светот“, вели Ѓоковиќ, кој ќе биде само 14. носител во Мелбурн.