Ѕвездата на Интер, Антонио Кандрева открива дека страда што е раздвоен од своето семејство во периодот на изолација поради корона вирусот, посебно бидејќи неговиот татко е болен веќе цела година.
Фудбалерот на „нераѕурите“ живее во Милано со својата партнерка, но остатокот од семејството му е во Рим и периодот е многу тежок.
„Навистина не очекувавме слично сценарио како во Кина. Симболот на овој период се сликите од медицинските сестри во болниците во Италија, со уморни лица и заштитни маски. Страшно е. Сакам да им се заблагодарам на посветеноста и жртвувањето, и верувам дека ќе излеземе посилни од ситуацијата. Моето семејство уште е во Рим и поради тоа страдам најмногу. Не можам да го видам мојот татко, кој е болен веќе цела година. Постојано мислам на нив“, вели Кандрева во интервју за „Кориере дело спорт“.
33-годишниот ветеран вели дека му е тешко да се зборува за фудбалот и за скудетото додека Италија се бори во најголемата битка.
„Би било ново искуство сезоната да заврши во јуни или јули. Ќе видиме. Да се зборува за скудетото сега не е фер. Во моментов вистинското скудето е победата над вирусот“, објаснува Кандрева.