Поранешниот спортски директор на Џенова, Стефано Капоцука тврди дека полскиот напаѓач Роберт Левандовски во 2010 за малку ќе завршел кај Грифоне. Левандовски тогаш играше во својата татковина за Лех Познањ, и според Капоцука, договорот бил постигнат пред претседателот на клубот, Енрико Прециози да се откаже.
„Договорот за Левандовски беше направен во 2010. Џанпјеро Гасперини го познаваше фудбалерот и требаше тој да помине медицински тест и да потпише, пред претседателот да се предомисли“, вели Капоцука.
31-годишниот Лева стана еден од најдобрите напаѓачи на светот, со неверојатни 303 гола за Борусија Дортмунд и Баерн Минхен. „Рособлу“ останаа со око на полскиот пазар, кога во јуни 2018 го купија Кшиштоф Пјонтек од Краковија за 4 милиони евра, за шест месеци подоцна да го продадат на Милан за 30 милиони евра.